Во Пјонгчанг се одржуваат Зимски олимписки игри на - духови!

Светската спортска јавност е разочарана од досегашниот тек на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг и тоа не само поради големиот број одложени настани поради лошото време туку и поради празните трибини речиси на сите борилишта.

Токму ова е причината поради која германскиот „Билд“ ги нарече игри на духови и тоа откако Лаура Далмаер својот златен медал во бијатлон го доби пред само стотина навивачи, кои ја гледаа како гордо ја пее химната на Германија. Ова се случи и покрај фактот што јужнокорејскиот организатор објави дека однапред се продадени дури 60-отсто од билетите за возбудувањата во Пјонгчанг.

Но, тоа не е вистинската слика на теренот, каде што едвај се наоѓа некој друг навивач освен од Јужна Кореја. Германците ова уште повеќе ги боли бидејќи нивниот Минхен загуби од Пјонгчанг во финалното гласање за организатор на овогодинешните ЗОИ и тоа со 63-25 во корист на јужнокорејскиот град.

„Па јас на тренинг во Оберхорф имам повеќе гледачи отколку штом има тука на официјалните натпревари“, изјави светскиот шампион во бијатлон, Симон Шемп.

Јужна Кореја за организација на ЗОИ платила осум милијарди евра, но со парите едноставно не можела да купи и вистинска олимписка атмосфера, која низ годините е заштитен знак на ова натпреварување. На борилиштата може да се пронајде по некој залутан странец, кои упорно бараат некој паб или фан-зона каде што во друштво би можеле да уживаат во мајсториите на спортистите.

Единствено каде што досега можело да се почуствува олимпискиот дух било натпреварувањето во брзо лизгање на кратки стази, каде што дури 14.000 гледачи громогласно навиваа за новиот олимписки шампион и нивни сонародник, Лим Хојун.