Трето одложување на алпските дисциплини: Женскиот слалом ќе се вози во петок

Трката во слалом во женска конкуренција на Зимските олимписки игри во Пјонгчанг е одложена за во петок, поради ужасните временски услови.

Силниот ветер и густата магла ги примораа организаторите да ја поместат трката од денеска за во петок. Ова е трет пат во четири дена да биде одложено скијањето. Портпаролот на Интернационалниот олимписки комитет, Марк Адамс, вели дека и натаму има доста време да се одржат сите трки во алпските дисциплини.

„Ако ветерот продолжи во следните 15 дена тогаш може да биде проблем, но засега се е ок. ФИС (Светската скијачка федерација) е навикната на вакви одложувања и прекини поради силен ветер, многу снег или малку снег“, изјави Адамс.