Свиндал стана најстариот олимписки шампион во алпско скијање

Аксел Лунд Свиндал и на 35 години покажува дека е најдобар во брзите алпски дисциплини, освојувајќи го златото во машкиот спуст на ЗОИ во Пјонгчанг.

Норвежанецот триумфираше со резултат 1:40.25 и стана највозрасниот освојувач на златен медал во алпските дисциплини во историјата на ЗОИ. Првиот фаворит, Беат Фојц од Швајцарија, мораше да се задоволи со бронзениот медал, а среброто го освои уште еден Норвежанец, Кјетил Јансруд, со 12 стотинки заостанување зад Свиндал.

Ова е второ олимписко злато за Свиндал, по она во супервелеслалом во Ванкувер, пред осум години. На тие Игри има сребро од спустот и бронза во велеслалом. Неговата кариера датира уште од 2002 година, кога освои злато на јуниорското светско првенство во комбинација.