Норвежаните најбрзи во штафетата во крос-кантри!

Норвежаните ја потврдија својата доминација во крос-кантри, освојувајќи злато во машката штафета 4х10 километри, со што се качи на првото место на табелата со медали на ЗОИ во Пјонгчанг.

Цела трка беа втори, постојано тактизираа и само чекаа да дојде финишот, а тогаш на сцена стапи најмладиот олимписки шампион во крос-кантри во историјата, Јоханес Хоесфлот Клаебо и покажа колку е брз. Шампионот од спринтот во Пјонгчанг финишираше, оставајќи го зад себе Денис Спицов за 9,4 секунди, за сребро за Русија.

Русите го презедоа водството дури на околу пет километри до крајот, кога дотогашниот лидер Франција кризираше, сепак успеа да го задржи третото место и да освои бронза.

Покрај Клаебо, во шампионската штафета на Норвешка беа уште Дидриг Тоенсет, Мартин Јонсруд Сундби и Симен Хегстад Кругер. Последниов е најуспешниот олимпиец засега во Пјонгчанг, со две злата (30 километри скелетон) и едно сребро (15 километри слободно).

Претходно, злато на Норвешка ѝ донесе и Ојстен Братен во слободно скијање, слоупстајл дисциплина, пред Американецот Ник Герпер на второто и Алекс Болие-Маршан од Канада на третото место.

Со овие два златни медала Норвешка се качи на чело на листата со медали, со вкупно 25, но што е поважно со девет најсјајни трофеи, колку што има и Германија (вкупно 17). Засега трета е Холандија со шест злата од вкупно 13.