Хиршер слави: Конечно го тргнав овој глупав прашалник од мојата кариера!

Алпската програма, конечно, почна на Зимските Олимписки игри во Пјонгчанг, со трките во комбинацијата, а највисоко на пиедесталот стигна Марсел Хришер.

Најдобриот скијач на денешницава го освои своето прво злато на Олимписките игри и ја збогати неверојатната ризница со достигнувања. Беше дури 12-ти по спустот, со заостанување од 1:32 секунди зад Томас Дресен, кој беше најбрз, но кога дојде на свој терен, во слаломот - му немаше рамен. Извозе перфектна трка и на крај заврши прв пред двајца Французи, Алексис Пантуро на второто место (+23) и Виктор Муфа-Жанде на третото (+1.02).

Тешко е да се верува дека ова е прво злато за човекот кој победува во Светскиот куп во алпско скијање во последните шест години. Досега, негов најголем успех беше среброто од слаломот во Сочи.

„Растурив на патеката. Ова е нешто навистина посебно и неочекувано. Многу сум среќен дека го тргнав овој глупав прашалник од мојата кариера“, изјави Хиршер по победата.

Покрај Хиршер, добивме нов шампион во сноуборд, во женски „халфпајп“. Победи Клои Ким од САД, пред Џиају Лиу од Кина и Ариел Голд, исто така во САД. Во карлинг, пак, во двојки, во мечот за бронза натпреварувачите од Русија ја победија Норвешка со 8-4. Финалето го играат Канада и Швајцарија во 12 часот.