Бразилец со историска сензација во велеслалом го расипа швајцарското славје

Бразилецот Лукас Пинеиро Братен стигна до сензационална победа и го освои златниот медал во велеслалом на Зимските олимписки игри во Кортина и Милано.

Овој зладен медал е историски подвиг затоа што е прв за Јужна Америка на едни Зимски олимписки игри. Братен до златото стигна со време од 2:25.00 минути, оставајќи го зад себе најдобриот скијач на денешницата Марко Одермат, кој заостана 0.58 секунди.

Бронзениот медал му припадна на уште еден Швајцарец, Лоик Мејар, кој имаше заостанување од 1.17 секунди зад победникот, а нивниот сонародник Томас Тумлер заврши на четвртата позиција со 1.45 секунди послабо време од лидерот.

Во продолжение следуваа: Ли Мекграт од Норвешка, Лео Ангено од Франција, Хенрик Кристоферсен од Норвешка и Штефан Бренштајнер од Австрија. Неговиот сонародник Марко Шварц заврши деветти, а десеттото место му припадна на Жоан Верду од Андора.

Македонскиот натпреварувач Виктор Петков по двете трки заврши на 55. позиција.

Фото: EPA