Антонио Ристевски излета уште на првата велеслаломска трка

Третиот и последен македонски претставник на ЗОИ во Пјонгчанг не успеа да оствари пласман во неговото прво појавување на снегот.

Антонио Ристевски остана без пласман во олимпискиот велеслалом, откако излета од патеката уште во првата трка. На првиот мерен пункт тој оствари 72. време во тој момент, но до второто - не ни стигна. Од вкупно 109 натпреварувачи кој стартуваа, 85 го завршија првото возење.

Во битката за медали доминираше најдобриот во светот, Марсел Хиршер, остварувајќи најдобар резултат во првото возење, за потоа само да го потврди со конечно време 2:18.04. Втор заврши Норвежанецот Хенрик Кристофересен, со брилијантна втора рунда, откако во првата беше само десетти. Тој имаше 1.27 секунди задоцнување зад Хиршер, но четири стотинки предност пред Алексис Пантуро, кој мораше да се задоволи со бронза, откако беше втор во првата рунда.

Нашиот Ристевски, пак, практично го повторува дострелот од минатата Олимпијада, во Сочи, кога исто така не заврши во велеслаломот. Сепак, тогаш имаше импресивен слалом, завршувајќи на 29. место, а шанса да парира на тоа и овде во Пјонгчанг ќе има в четврток, за кога е закажана најтехничката дисциплина за мажи.