Реконструирано мултифункционално игралиште на кејот на Вардар кај Луна Парк! (ВИДЕО)

Министерството за спорт денеска пушти во употреба реконструирано мултифункционално игралиште на кејот на реката Вардар, во близина на Луна Парк во Скопје.

Проектот денеска го промовираа министерот за спорт, Борко Ристовски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кои посочија дека станува збор за дел од програмата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, реализирана во соработка со локалната самоуправа. Според министерот Ристовски, ваквите проекти имаат за цел спортот да биде подостапен за граѓаните, особено за младите, и да се поттикне активен и здрав начин на живот.

„Со секое ново или обновено спортско игралиште испраќаме јасна порака – спортот мора да биде блиску до младите. Нашата обврска како институции е да создадеме услови во кои децата и младите ќе изберат спорт, здрав живот и тимски дух. Министерството за спорт ќе продолжи со инвестиции во спортската инфраструктура, затоа што таа е темел за развој на спортот и на здраво општество“, изјави Ристовски.

Реконструираниот простор на кејот на Вардар содржи игралиште за одбојка на песок, како и фудбалско и кошаркарско игралиште со современа полипропиленска подлога, што овозможува побезбедни и поквалитетни услови за спорт и рекреација.