Одбојкарките ги чека пеколно лето со настап во Сребрената лига и квалификациите за ЕП!

Македонската женска одбојкарска репрезентација ја очекува пеколно лето со настап во Сребрената Европска лига 2025 и одигрување на реваншите од квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2026 против Грција и Австрија.

Подготовките почнуваат на 15 мај во Струмица, заедно со машката селекција. За одбојкарките ова ќе биде второ учество во Сребрената лига, а поради ограниченото време за подготовка, нема да се играат контролни натпревари. Првиот турнир ќе се одржи токму во струмичката сала „Парк“ (30 мај до 1 јуни), каде што ќе ги пречекаме селекциите на Луксембург и Швајцарија. Наредниот викенд (6-8 јуни), репрезентацијата ќе гостува на Фарски Острови, каде ќе игра против домаќинот и Австрија.

Интересен пресврт носи третиот турнир, кој иако официјално е во организација на Израел, ќе се одигра повторно во Струмица поради безбедносната состојба во таа земја. Израел, Македонија и Грузија ќе бидат дел од овој натпреварувачки циклус од 13 до 15 јуни, со нашата земја како технички домаќин.

По завршувањето на настапите во Сребрената лига, одбојкарките ќе добијат кратка пауза, а нов собир е закажан за 20 јули во Маврово. Таму ќе се темпира формата за решавачките натпревари од евро-квалификациите. Се разгледуваат и можности за одигрување пријателски мечеви како последна проверка.

Првиот реванш-меч против Грција ќе се одигра на 3 август во салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Квалификацискиот циклус ќе заврши на 9 август со дуелот против Австрија во Хартберг. По двата пораза од истите селекции во првиот дел од натпреварите, Македонија веќе ги загуби шансите за пласман на Европското првенство 2026. И покрај тоа, ОФМ и стручниот штаб остануваат фокусирани на долгорочниот развој. Селекторот Пауновиќ вели дека визијата е јасна – создавање на силен и конкурентен национален тим.

„Чест ми е што ја продолжуваме нашата работа со овој состав. Верувам дека заедно ќе изградиме репрезентација која ќе чекори по стапките на машкиот тим. Нашата цел е пласман на Европското првенство 2028“, изјави Пауновиќ.