НЕВЕРОЈАТНО: И да загуби од Словенија, Македонија пак може во осминафинале!

Македонските одбојкари почнаа со три порази на ЕП и мнозинството од јавноста веднаш се откажа од нивните шанси за осминафинале. Точно, тие се мали, но откако синоќа ја совладавме Белорусија со 3-1, драстично пораснаа и создадоа хаотичен микс од можни сценарија во нашата група. Едно од нив е неверојатно и вели дека дури и со пораз денеска (17.30) од Словенија, македонската репрезентација може да оди во осминафиналето.

Пред да го одигра последниот натпревар во групната фаза, Македонија се наоѓа на петтата позиција во групата Ц, со една победа, три пораза и три бода. Потенцираме со една победа, затоа што во одбојката рангирањето не се врши примарно според освоените бодови, туку прво според бројот на победи, па потоа по останатите критериуми, од бодови, до оствоени сетови и поени итн.

Според скалата со критериуми, меѓусебниот однос на екипите кои би имале ист број добиени мечеви и ист број бодови е најмалку важен и тоа е она што ни дава шанса во пресрет на последните два дена од групната фаза, фокусирајќи се на нашиот преостанат меч, со Словенија и на дуелот Турција - Финска (утре)

За да се пласира најмалку на четвртата позиција во групата Ц и со тоа да обезбеди осминафинален статус, на Македонија ѝ одговараат две сценарија.

Првото е поочигледно, но потешко остварливо, затоа што претпоставува да ја совладаме Словенија попладнево од 17.30. На тој начин, Македонија би дошла до втора победа и до пет или шест бода, па само сплет од точно погодени резултати во дуелите на конкурентите би можеле да ја симнат подолу од четвртата позиција.

Такви резултати би биле победа на Турција над Белорусија, што е очекуван епилог денеска, но потоа пораз на Турците од Финска, утре. Без да навлегуваме во деталните варијанти, оваа ситуација, би нè довела да броиме освоени сетови и поени и повторно да сме петти, бидејќи и Турците и Финците веќе „ни бегаат“ во категориите сет-количник и поен-количник. Значи овде посакувана комбинација е победа на Македонија со Словенија, а две победи на Турција или два пораза на Турција. 

Второто сценрио делува поверојтно бидејќи предвидува пораз на Македонија од Словенија, но исклучиво со 2-3. Тоа веќе ни се случи двапати на последните пет средби со Словенците, така што неговиот процент на веројатност и не е толку низок. Понатаму, ќе навиваме за Турција, затоа што неопходна ќе ни биде нејзина победа и вечерва со Белорусија и утре со Финска. Вториов меч мора да заврши со 3-0 за Турците.

Сепак, дури и ако овие три натпревари го донесат за нас посакуваниот победник - уште не е готово.

Во ваква ситуација и Македонија и Финска би останале на по една победа, со по четири бода и со однос на добиени и загубени сетови 6-13. Тоа значи дека продолжуваме надолу по скалата со критериуми и гледаме дека по бројот на победи, по освоените бодови и сет-количникот на ред доаѓа соочувањето на поен-количникот на Македонија и на Финска. Досега, ние имаме 308:344 или однос 0,8953, а Финците далеку подобар количник, 0,9728 со 357 добиени и 367 примени поени.

Најосновната логика вели: нашиот пораз со Словенија да биде истакнат со што е можно повеќе поени, а поразот на Финците, утре од Турција да биде што поубедлив. Токму тие се жив пример дека дури и при пораз во пет сета можете да бидете подобри во поени од противникот. Во неделата тие загубија од Белорусија со 2-3 во сетови, а во поени беа подобри со 113-100.

Се разбира, ова не е ракомет или кошарка, во игра се повеќе сетови и потешко е да се направи проекција колку разлика би одговарало, но за да биде појасно што бркаме, ќе земеме пример кога и на Македонија би ѝ се случил таков пораз од Словенија, со 2-3, а со 113-100 во поени за нас, тогаш работата е завршена. Финска не би била пред нас дури и ако сите три сета ги губи на разлика (со по два негатива).

Тоа се два есктрема, меѓу кои има уште многу опции кои може да ни одговараат, но за поен-количниците ќе зборуваме вечерва. Прво навиваме за сензација над Словенците или, барем, два освоени сета.

 

Скалата со критериуми за пласман во групната фаза

1. Добиени мечеви

2. Освоени бодови (по 3 бода за победи од 3-0 и 3-1, 2 бода за победи со 3-2, 1 бод за пораз од 2-3, 0 бодови за пораз од 1-3, 0-3)

3. Сет количник (однос на освоени и загубени сетови)

4. Поен количник (однос на освоени и загубени поени)

5. Резултат на меѓусебни дуели на засегнатите репрезентации