Бугарски циркус: Судијка нокаутира борач, па мајка му ја кубеше за коса (ВИДЕО)

Државното првенство на Бугарија во борење во Сливен наместо спортско надмудрување донесе грозни сцени и физички инцидент, откако финалето во слободен стил до 72 килограми донесе – хаос.

Циркусот почна откако натпреварувачот на ЦСКА, Иво Илиев, незадоволен од судиската одлука, ја шутна масата на арбитрите, кулминира кога тој беше удрен во лице од судијката Елина Васева, бронзена медалистка од Европското првенство 2010. Во настанатиот метеж се вклучи и мајката на борецот, која физички ја нападна Васева, кубејќи ја за коса. Брзата реакција на обезбедувањето спречи посериозни последици, а Илиев веднаш беше дисквалификуван од натпреварувањето.

Судијката Васева истакна дека е изненадена од реакцијата.

„Не очекував вакво однесување од самиот натпреварувач. Го познавам со години, реномиран борец е. Оваа реакција е недозволива за неговиот ранг“, изјави таа.

Остро реагираше и претседателката на Бугарска федерација за борење, Станка Златева, која инцидентот го оцени како срам за спортот.

„Ова е одвратно. Овие луѓе не треба да имаат никаква врска со нашиот спорт. Токму од вакви средини доаѓаат скандалите“, вели таа.