Милевски: Едвај чекам да почнам да работам како селектор на Македонија (ВИДЕО)

Наследникот на Игор Ангеловски на клупата на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, веќе на големо размислува на првите средби како предводник на националниот тим закажани за почетокот на септември, потенцирајќи дека со нетрпение чека да ја почне соработката со своите избраници.

Тој во изјава за Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) потенцира дека е горд што токму тој е изборот за предводник на оваа генерација.

„Селекторската функција кај мене буди чувства на гордост и исполнетост. И од спортски, национален, но и од човечки аспект.Се радувам на првата средба со фудбалерите, се радувам на позитивната атмосфера и со нетрпение го очекуваме првиот собир. Тие се созреани како личности, а тоа е позитивно за нашата работа. Карактерно се селектирани, а токму тоа и треба на македонската репрезентација“, изјави Милевски.

Милевски дебито на кормилото на фудбалската репрезентација ќе го има на 2 септември на домашен терен против Ерменија.