МЗТ не носи бело знаме во Суботица – ќе направи сѐ да го изненади фаворитот!

Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва на гости против Спартак Суботица (19 часот) ќе го одиграат најважниот јадрански меч сезонава, бидејќи е за пласман во големото финале за што на аеродромци ќе им треба да направат мало чудо за да дојдат до целта.

Српскиот тим славеше во Аеродром пред една недела со 78-73, што значи дека вечерашниот дуел ќе го почне со стартна предност, што и не е нешто голема за да не може да биде надополнета. Македонскиот првак признава дека противникот е поблиску до последната фаза од АБА2, но најавува борба до последниот атом енергија за да се направи некое големо изненадување.

„Нема предавање, без разлика што мечот ќе го почнеме со негатива. Наша цел е да се бориме до последниот атом енергија, да дадеме се од себе и да пробаме да вратиме на идентичен начин. Нема да биде лесно, Спартак Суботица е квалитетен тим со голем буџет и големи амбиции, но тоа нема да значи дека нема да ги примораме сериозно да се испотат ако сакаат да дојдат до финалето“, вели тренерот на составот од „Јане Сандански“, Васко Атанасов.

Средбата од Суботица ќе биде директно пренесувана на каналите на МТВ-3 и на регионалната Арена спорт.