Филаделфија чудесно се „врати од мртвите“ и не дозволи елиминација од Њујорк (ВИДЕО)

Кошаркарите на Филаделфија севентисиксерс ја спасија првата меч-топка во воведната плејоф-серија со Њујорк никс, откако ноќеска по голема борба и едно продолжение славеа со 112-106 и намалија на 2-3 во победи.

„Никси“ беа многу блиску до втората рунда на Истокот бидејќи водеа со 96-90 на пола минута пред крајот, но тогаш на сцена стапи Тајриз Макси, кој со седум поени во последните 11 секунди донесе екстра пет минути (97-97). Гостите беа далеку помотивирани во продолжението и заслужено дојдоа до триумф. Макси средбата ја заврши со 46 поени, а Ембид имаше трипл-дабл од 19 поени, 16 скока и 10 асистенции. Кај Њујорк прво име беше Брансон со 40 реализирани поени. Шестиот меч се игра утре вечер по македонско време во Филаделфија.

Милвоки Бакс иако играше без најголемите ѕвезди, Демијан Лилард и Јанис Адетокумбо, лесно ја совлада Индијана Пејсерс (115-92) и исто така намали на 2-3 во серијата. Мидлтон со 29 поени и 12 скока и Портис исто така со 29 поени и 10 скока беа најпрецизни кај „лените“, додека кај Индијана, Халибартон имаше 16 поени.

Кливленд и Орландо продолжија со партиите без брејк, откако ноќеска славеа „коњаниците“ со резултат 104-103 за водство со 3-2 во серијата. Мичел со 29 поени и Гарланд со 23 беа најдобри кај победникот додека кај Меџик, Банчеро уфрли 39 поени.