Најтрофејниот македонски клуб Работнички го врати ударот во полуфиналната серија од македонското првенство откако вечерва на домашен терен го совлада Пелистер со 75-69.

Резултатот сега е 1-1, пред двата меча што ќе се играат на теренот на актуелниот вицешампион и на кои битолскиот тим ќе има можност да обезбеди пласман во третото финале во низа. И покрај победата, Работнички се мачеше до самиот крај, а играта не е онаа каква што ја красеше екипата претходните пет месеци.

Дека домаќините се решени да го израмнат резултатот можеше да се забележи по нивната ангажираност во првата четвртина во која функционираше речиси се, а најмногу шутот од дистанца и тоа преку Бобан Стајиќ. Играчите на Горан Самарџиев постигнаа пет тројки од кои три Стајиќ и по 10 минути игра на семафорот стоеше 27-18. Високата предност се задржа до четвртата минута од вториот период (33-24), а потоа Пелистер направи серија од 9-0 израмни на 33-33. Работнички, сепак, не дозволи противникот да премине во водство, постигна осум поени по ред за на пауза да замине со 43-35.

Домашната екипа остана во водство до крајот, но во ниеден момент предноста не беше таква за да може да се каже дека прашањето околу победникот е решено. Пелистер постојано му беше зад петите на Работнички, на 95 секунди пред крајот разликата беше само три поени (69-72). Во следниот напад дојде тројката на Трајс со која беше ставена точка на сите дилеми, предност од 75-69 по што Планиниќ не успеа да врати на ист начин и Работнички можеше да ја прослави првата победа во серијата.

Трајс не се истакна особено во нападот, постигна само 10 поени за 36 минути, но погоди во клучен момент. Најефикасен кај Работнички беше Рикиќ со 22 поена на кои додаде 14 скока, а Стајиќ додаде 15 поени. Кај Пелистер, единствен со двоцифрен ефект беше Планиниќ - 23 поени.