МЗТ потешко од очекувањата го совлада ТФТ за стартно водство во полуфиналето!

МЗТ Скопје по голема борба го победи ТФТ со 79-77 во првиот меч од полуфиналната серија во плејофот, аеродромци ја завршија работата, но добро се испотија.

МЗТ Скопје дојде до планираната победа над ТФТ, но противникот му даде силен отпор на фаворитот, сепак не успеа и да го изненади.

Неизвесно беше од самиот старт, кошаркарите на МЗТ најчесто водеа, но не успеваа да се одлепат, првите десет минути ги добија со 22-18 благодарение на серија од 5-0 во финишот од периодот. Во втората четвртина ТФТ го сврте резултатот, поведе со 32-29, но аеродромци се вратија и на полувремето заминаа со предност од шест поени разлика, беше 41-35.

ТФТ не се откажуваше, продолжи да му прави проблем на фаворитот и во второто полувреме, во финишот од мечот имаа предност од 72-70, сепак МЗТ Скопје со подобар финиш на крајот успеа да дојде до триумф од 79-77 и да поведе со 1-0 во полуфиналната серија.

Војдан Стојановски со 16 поени беше најефикасен кај МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, Танасковиќ и Делалиќ постигнаа по 15. Во составот на ТФТ најдобар беше Ташковски со 24 поени.