Анчелоти: Подготвени сме да играме и „до смрт“ ако треба за да го елиминираме Баерн!

Фудбалерите на Реал и на Баерн Минхен утре вечер во Мадрид ќе го одиграат реванш полуфиналето од Лигата на шампионите, кое како да почнува од нула бидејќи првата средба во Германија заврши со 2-2.

Предност за „гол во гости“ веќе подолг период не постои, така „кралевите“ единствено на што може да сметаат како дополнителна позитива е фактот што натпреварот во кој мора да има победник ќе го одиграат на домашен терен.

„Играта со офанзивен и одбранбен интензитет и ритам е подобра. Во првиот натпревар можевме да се справиме повеќе во одбрана. Сакаме поинтензивен натпревар. Ова е ден за кој вреди да се живее, блиску сме до финалето, а тоа е голема мотивација. Утре ќе биде комплицирано, пред мечот ќе има страв и загриженост. Баерн и Реал се слични клубови, со стравични истории во ова натпреварување. Ги почитуваме зашто завршија добра работа, беа подобри од нас на првиот натпревар. Двата тима се добри во транзицијата. Во таа смисла, тие се можеби најопасните тимови во Европа, со добар баланс и ризик можат добро да се контролираат. Но, подготвени сме на се, па дури и на играње продолжетоци, пенали, буквално 'до смрт'“, изјави Карло Анчелоти, тренерот на „кралевите“.

Тој додаде дека на утрешниот натпревар на голот ќе биде Луњин, иако на мечот пред неколку дена против Кадиз меѓу стативите се најде повратникот Тибо Куртоа.

„На Куртоа му треба време за да ја достигне формата. Тој беше во тимот против Кадиз бидејќи добро тренираше, добро бранеше, покажа сигурност, самодоверба, но се уште не е на највисоко ниво“, заклучи италијанскиот стручњак.