Екипата на Шкупи со фантастичен пресврт се издигна од бездната и со гол во седмата минута од продолжението на домашен терен го совлада Тиквеш (3-2) со што ја задржа лидерската позиција на табелата.

Чаирчани ептен се намачија да дојдат до целиот плен, бидејќи гостите од Кавадарци се покажаа како тврд орев и дури самите направија пресврт кој не им го донесе барем и бод. Јунак во таборот на домашниот тим беше Аворњо, кој го постигна злато вредниот гол буквално во последните секунди, откако претходно во 86. минута изедначи на 2-2. Воша во 39. минута му донесе водство на домаќинот, а потоа следуваше шокот со погодоците на кавадарчани преку Спахиу во 53. и 82. минута.

Уште поспектакуларен пресврт направија фудбалерите на Силекс, каде со три гола во второто полувреме го надополнија минусот од 0-2 по првите 45 минути на гостувањето кај актуелниот шампион, Струга (3-2). Фудбалерите на Шкендија беа најголеми победници по 29. коло од Првата лига до моментите додека Тиквеш водеше на Чаир, но на крајот мораа да се задоволат со убедливата победа на домашен терен против Гостивар (4-1) и со киксот на стружани.

Вардар го претрпе третиот пораз по ред, со оглед што попладнево не успеа да дојде барем до бод на гостувањето кај Брера (0-2). Домаќинот поведе со голот на Марио Цветановски во 24. минута, по што почна вистинска опсада на голот на овој тим. Црвено-црните имаа неколку речиси стоотстотни шанси, но не успеаја да ја сместат топката во мрежата. Тоа на крајот го казни Ивковиќ со гол буквално пред самиот крај на мечот.

Работнички и Македонија Ѓорче Петров ремизираа со резултат 1-1, кој може да ги задоволи апетитите на двата тима, иако гостите жалат што не го задржаа водството по голот на Ларсон во судиското продолжение од првото полувреме. Билали во 66. минута изедначи, по што двата тима повеќе мислеа на одбрана на својот гол. Голема победа оствари и Воска, која на домашен терен ја прегази Брегалница (4-0) и направи огромен исчекор во биката за опстанок.

ТАБЕЛА: Струга 58, Шкупи 58, Шкендија 55, Силекс 41, Тиквеш 39, Брера 37, Гостивар 37, Работнички 35, Воска 34, Вардар 29, Македонија ЃП 26, Брегалница 26.