Струга брка победа против Силекс, Шкупи со нов тренер го пречекува Тиквеш!

Денеска со почеток од 16 часот се играат сите шест натпревари од 29. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).

Македонското првенство влегува во самиот финиш, остануваат уште пет кола во нашата најдобра лига, за повеќето од екипите секој бод е значаен.

Актуелниот шампион, Струга, е во добра позиција да ја одбрани титулата, тие се на првото место со три бода пред Шкупи. Денеска го пречекуваат солидниот тим на Силекс и триумфот пред своите навивачи е императив.

Кратовскиот тим е на сигурната петта позиција без шанси за Европа, но и далеку од екипите кои се борат за опстанок, тие без некој посебен резултатски притисок ќе се обидат да им ги поматат сметните на фаворитите.

Шкупи со нов тренер ќе го пречека Тиквеш од кој испадна во Купот на Македонија. Чаирчани сега ќе бидат предводени од Ернест Ѓока кој е назначен за нов шеф на стручниот штаб. За да ги задржат шансите за титулата, трите бода од денешниот натпревар се речиси неопходни.

Вардар по разочарувачкиот пораз од Воска на домашен терен, денеска има мисија во Струмица, гостува кај Брера која во изминатите кола се одлепи од опасната зона, но уште не е безбедна.

Македонија Ѓорче Петров за да го фати последниот воз за опстанок денеска треба да слави на гостувањето кај Работнички кој влезе во добра форма по тренерската промена.

Директен дуел во битка за опстанок има во Охрид, каде Воска ќе ја пречека екипата на Брегалница.

Шкендија речиси и ги загуби шансите за титулата, но за да им остане надежта за чудо ќе треба денеска да извојуваат победа на свој терен над Гостивар.

29. коло
Брера - Вардар 
Работнички - Македонија ЃП
Шкендија - Гостивар
Шкупи - Тиквеш
Струга - Силекс
Воска - Брегалница

Табела: Струга 58, Шкупи 55, Шкендија 52, Тиквеш 39, Силекс 38, Гостивар 37, Брера 34, Работнички 34, Воска 31, Вардар 29, Брегалница 26, Македонија ЃП 25