Историски ден за Тиквеш и Воска, борба за Куп трофејот и излез во Европа!

Денеска од 19 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје се игра финалето од Купот на Македонија во кое ќе се сретнат Тиквеш и Воска, за двете екипи ова е прв ваков меч во историјата.

Финалето од националниот куп секогаш е посебен меч, а овојпат ќе има посебен зачин, за двата финалисти ова е прво финале во историјата. Тиквеш и Воска стигнаа најдалеку оваа сезона, а само еден од нив ќе се радува на трофејот.

Покрај трофејот кој е огромен мотив, победникот вечерва ќе добие и излез на европската сцена, ќе игра во Конференциската лига.

„Тиквеш е клуб со традиција, но еве сега првпат сме тука, во истороско финале. Нема да бидеме скромни, одиме на победа, без разлика дали ќе биде по 90 минути игра, по 120 минути игра или на пенали. Играме против квалитетен противник, противник кој заслужува почит. Се надевам дека ќе одиграме добро финале, и се надевам дека ние ќе бидеме тие кои ќе се радуваат на крај“, вели тренерот на Тиквеш, Ѓорѓи Мојсов.

Најавена е армија навивачи од Кавадарци кои ќе му дадат поддршка на Тиквеш во овој историски меч за нив.

Но, свои математики има и Воска, тимот на Захариевски влезе во одлична форма во финишот од сезоната и со право се надева дека вечерва тие ќе бидат победниците.

„Тиквеш има голема традиција, за разлика од нив, ние сме млад клуб, постоиме три или четири години и ова ни прва сезона во Првата лига. Веднаш стигнавме до историско финале, и тоа е голем успех за нас. Првенството го завршивме на посакуваното место, па сега одиме да се надигруваме со Тиквеш. Тиквеш беше хит во пролетниот дел од сезоната, им честитам за четврото место. Во Кавадарци паднаа и големи шампиони на Македонија, играат навистина добро. Но и ние сме во добра форма, долго време сме без пораз, дојдовме во Скопје да се надигруваме и да го освоиме Купот на Македонија“, вели тренерот на Воска, Срѓан Захариевски.