Ѓоковиќ доби ептен добра ждрепка во Рим – со Медведев или Надал само во финале!

Најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ, доби добри вести од денеѓната ждрепка за престојниот мастерс во Рим, со оглед што сега има речиси отворен пат кон финалето, секако ако одигра подобро од изминатиов период во кој се начеше повеќе од очекуваното.

На патот кон трофејот во „вечниот град“ освен доброто извлекување му помага и отсуството на Јаник Синер и Карлос Алкараз, кои се откажаа поради повреда. Новак сака на најдобар начин да се подготви за Ролан Гарос, а на прв поглед изгледа дека дури во четврт-финалето би го имал првиот вистински тест. Србинот во првото коло ќе биде слободен, а во второто би го чекал Русинот Роман Сафјулин, кого во Монте Карло го совлада ептен лесно (6-1, 6-2. Потенцијален ривал во третото коло му е Алехандро Табило или Јакуб Меншик, додека осминафиналето би донело пресметка со Франциск Серундола или Карен Хачанов.

Ѓоковиќ во Монте Карло беше сопрен во полуфиналето од Каспер Руд, противн кого би можел да има шанса за одмазда бидејќи би можеле да се сретнат во четврт-финалето во Рим. Полуфиналето делува далеку, но се очекува во тој дел од костурот да стигне тенисер од калибарот на Александар Зверев или Григор Димитров.

Рафаел Надал е во вториот дел од ждрепката и ова е уште една пропуштена прилика за последен пат да се гледа класика помеѓу Ноле и Шпанецот. Фаворити во вториот дел од ждрепката во Рим за пласман во финалето ќе бидат Стефанос Циципас и Данил Медведев, но и Рафа се надева на потенцијално чудо. Шпанецот во првото коло ќе игра против квалификант, додека во второто потенцијално ќе се соочи со Хуберт Хуркач, седмиот тенисер во светот.