Кога Дончиќ не блеска, Далас губи, Кливленд лесен залак за моќниот Бостон (ВИДЕО)

Кошаркарите на Оклахома сити тандерс го совладаа Далас маверикс (117-95) во првиот натпревар од полуфиналето на Западната конференција на НБА, откако ја искористија послабата од вообичаено игра на ударниот двоец на противничкиот тим.

Лука Дончиќ средбата ја заврши со 19 поени, шест скока и девет асистенции, со слаб процент на шут - 5/11 за два поени, 1/8 за три и 6/10 од белата линија. Не блескаше ниту Кајри Ирвинг, кој беше најефикасен кај Далас со 20 поени, еден скок и три асистенции. „Кај громовите“ најдобар беше Шаи Гилјус - Александар со 29 поени, девет скока и девет асистенции.

Кошаркарите на Бостон селтикс, пак, лесно и убедливо ја почнаа полуфиналната серија на Истокот против Кливленд кавалирс (120-95). „Келтите“ водеа од стартот на мечот, а веќе на почетокот на вториот дел стекнаа двоцифрена предност, која ја задржаа во текот на целиот меч.

Најефикасен кај Бостон беше Џејлен Браун со 32 поени, 6 скока и две асистенции, додека Дерик Вајт со 25 поени, скок и пет асистенции, како и Џејсон Тејтум со 18 поени, 11 скока и пет асистенции, одиграа голем улога. Кај Кливленд најдобар беше Донован Мичел со 33 поени, шест скока и пет асистенции.