Кошаракрите на МЗТ Скопје се на еден мал чекор до финалето од плејофот во македонското првенство, откако вечерва рутински го совладаа ТФТ (91-67) во вториот меч на домашен терен по кој поведоа со 2-0 во серијата што се игра до три победи.

Мечот беше решен уште во првата четвртина, која аеродромци ја добија со 24-10, за потоа само да ја зголемуваа разлика благодарение на фантастичниот шут за тројка. Тоа во третиот период им донесе највисоки плус 29 (65-36) како потврда на разликата во квалитет. Гостите тогаш како повеќе да се ангажираа, почнаа и да погодуваат од надвор, што им донесе намалување на негативата на 15-тина поени, но тоа беше се од нивна страна.

Харис Делалиќ со 20 поени беше најпрецизен кај сино-белите, додека Војдан Стојановски постигна 15 поени си пет асистенции, а Џон Гилон 11 поени со исто толку успешни додавања. Лангстон Верц со 13 поени беше најпрецизен кај ТФТ.

Третиот меч од серијата ќе се одигра до крајот на неделава, а домаќин ќе биде популарната Тафта. Во втората полуфинална серија помеѓу Работнички и Пелистер е далеку поинтересни со оглед што по скопските дуели резултатот е 1-1 во победи. Третата средба ќе се одигра следниот викенд во Битола.