ПСЖ оди на сè или ништо, а Дортмунд сонува за финале во ЛШ по 11 години!

Борусија Дортмунд вечерва ќе се обиде да го преживее тешкото гостување во Париз во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампиони (ЛШ). Иако бундеслигашот има водство од 1-0, сепак воопшто нема да биде лесно за избраниците на Един Терзиќ.

Бундеслигашот за последен пат играше во финалето на елитното натпреварување во далечната 2013 година, односно пред 11 години, а сега „милионерите“ се надеваат дека повторно ќе заиграат во финалето.

ПСЖ ќе нападне од самиот почеток на натпреварот, а такво нешто најави и искусниот фудбалер Маркињос.

„Нашето искуство ќе биде важно во овој меч. Енрике знае како да постави тактика за вакви натпревари, а ние мора да го дадеме максимумот. Секој меч има своја приказна, мора да го наметнеме нашиот стил. Работевме напорно и сега треба тоа да го покажеме на теренот. Резултатот не ни одговара, но имаме голема поддршка од публиката“, кажа Маркињос.

Терзиќ за реваншот во Париз посака повторно одличен на теренот да биде Џејдон Санчо, кој и во првиот меч доминираше.

„Ќе биде тешко, но сакаме пласман на финале. Нè очекува незгоден натпревар, но среќни сме што го имаме Санчо. Се надеваме дека ќе одигра како во првиот натпревар, а потоа ќе разговараме за неговата иднина. Сакаме да го задржиме“, кажа Терзиќ.

Реваншот меѓу ПСЖ и Дортмунд се игра вечерва од 21 часот на „Паркот на принцовите“ во Париз.