Хаџиевски: Проблемот на Аргентина е тоа што селектор е Меси

Аргентина засега е најголемото разочарување на Светското првенство. Финалистот од претходниот турнир игра очајно и по два натпревари има еден бод. Постои шанса за прогрес во осминафиналето, но ако нешто не се смени во играта на „гаучосите“, Лионел Меси и дружината ќе мораат прерано да си ги спакуваат куферите во Русија. 

Нашиот стручен аналитичар, Ѓоко Хаџиевски проблемот го лоцира токму во Меси и не поради неговата слаба игра на теренот, туку поради неговото преголемо влијание во изборот на играчи, изборот на првиот тим и мешањето во тренерската работа на Хорхе Сампаоли.  

„Проблемот го лоцирам во Меси. Премногу е големо неговото влијание врз тренерите, како во Аргентина, така и во Барселона. Висок центарфор не проаѓа во Барса поради него, а очигледно истото е и во репрезентацијата. Висок центарфор му пречи, не знам зошто е тоа така. Исланд игра со шест високи и треба да си лаик за да знаеш дека ти треба сличен играч кој може да им парира. Аргентина постојано се извлекува на 30 -40 метри надвор од гол и ја тера истата игра со безброј додавања без никаков ефект. Мислам дека Меси одлучува за играчи во Барселона и истото е и во Аргентина. Икарди имаше супер сезона во Италија и беше очекувано да биде повикан во репрезентација. Меси и Агуеро играат двоен пас и толку. Тоа не може да помине крај бункер од 6-7 играчи. Тоа поминува на контри или кога имаш брзи странични играчи кои ја развлекуваат играта. Хорхе Сампаоли имаше добри резултати во Чиле и Севилја, значи е добар тренер. Секоја чест за Меси, тој е невиден играч, но ме разочара неговиот однос, така не треба да игра капитенот. За разлика од него на Роналдо мораме капа да му симнеме, иако пак ќе кажам и Меси ми е омилен играч“.

Токму во пристапот на играта и дисциплината, Хаџиевски ја гледа разликата помеѓу Аргентина и Германија, која исто така не блеска, но синоќа успеа да дојде до драматична победа, типична за актуелниот светски првак.  

„Разликата со Германија е тоа што е поуспешна од Аргентина, има континуитет на резултати. Има поголем број на екстра играчи и кога не оди, има промени во играта. Тоа се гледа, има рокади и Лев прави нешто, менува. Односот на Гермаците на теренот е друг. Сега четири играчи смени од првиот натпревар со Мексико за дуелот со Шведска. Во карактерот се фајтери и не застануваат. И се повторува онаа изјава на Линекер дека Германците на крајот секогаш победуваат. И со 10 играчи ги притиснаа Швеѓаните и имаа шанси и голот на Крос дојде како плод на упорноста. Лев пробува повеќе системи и формации во тек на натпревар и тоа е таа разлика помеѓу нив и Аргентина“.

Играта на Хрватска е она што досега најмногу го импресионира Хаџиевски, која делува како зрела и компактна екипа. Голема заслуга за ова им припишува на Иван Ракитиќ и Лука Модриќ, но и на селекторот Златко Далиќ.  

„Најсилен впечаток мене ми остави Хрватска. Да ја победи Аргентина со 3-0, мислам дека никој не можеше да предвиди. Таа врска Реал- Барса се покажува како клучна. Модриќ и Ракитиќ се машината на тимот. Тука се и другите играчи како бековите Врсаљко и Стриниќ, кои работат неверојатно на теренот. Тука е и Ловрен, а и Манџукиќ игра фантастично во нападот. Многу важна алка е селекторот Далиќ. Тој е мој добар пријател и му честитав на играта и победата против Аргентина. Дечкото многумина не го познаваат, луѓето го гледаат како млад тренер, тој беше тренер во две екипи во Саудиска Арабија и Емирати. Не е неискусен, има карактер, прав потег што го исклучи Калиниќ од тимот, благ, питом и има добар однос со играчите, сите некако се сплотени поради неговиот коректен однос и гледаме дека тоа носи одлични резултати“.