Шведска ја декласира Полска и продолжи кон полуфинале

Во дуелот на кодомаќините на следното Светско првенство во ракомет, Шведска ја прегази Полска со 28-18, притоа заштедувајќи ги силите за натпреварите кои претстојат во главната фаза од Еуро 2022.

Потребна беше една четвртина од натпреварот за да се воочи разликата меѓу репрезентација која атакува на медал и обичен учесник меѓу топ-12 на континентот. Шведска полесно го наоѓаше патот до голот и водеше, но во таа рана фаза Полјаците држеа чекор и резултатот беше 5-6 во 12. минута. Оттогаш Полска како да пропадна во дупка, не постигна гол 12 минути, а и кога го постигна, тој беше последниот до крајот на првото полувреме. Швеѓаните прво направија серија од 4-0, а потоа го направија водството недостижно, 14-6 на паузата.

Во вториот дел, селекторот Глен Солберг можеше да си дозволи да ги комбинира ракометарите, а и тие што беа на теренот го одржуваа водството, па дури и го зголемија. Голманот Тобијас Тулин имаше одличен втор дел, со осум одбрани од вкупно 12, а во добро распоредените напаѓачки сили, со по четири гола најефикасни беа Ване, Петерсон и Мелегард. Кај Полска, Морито и Крајевски погодија по пет пати. 

Претходно во оваа група 1, Шпанија ја совлада Русија во драматичен натпревар (27-26), а вечерва ќе се пресметаат Норвешка и Германија. Дотогаш Шпанија и Шведска се во предност во трката за полуфинале, Фуријата со шест, Скандинавците со четири бода. Норвешка, Русија и Германија имаат по два, Полска е последна на нула.