Шпанија стартуваше со убедлив триумф над Бахреин

Актуелниот европски првак Шпанија го совлада Бахреин со 33-23 и го потврди фаворитскиот статус во групата Б, во која што се натпреварува и Македонија. 

„Црвената фурија“ во ниту еден момент немаше премногу проблеми против селекцијата од Азија и заслужено дојде до триумф од 10 голови разлика. На полувремето беше 16-11, а во вториот дел Шпанците зголемија и на дополнителни пет голови разлика за конечни 33-23. Предноста на европскиот првак беше и највисоки +12, но Бахреин со два гола во финишот се избори за поблаг пораз. 

Феран Соле со седум голови од седум обиди беше најефикасен во таборот на Шпанија, Алекс Душебаев постигна пет, колку што реализираше и Гидеон Гвардиола. Мохамед Хабиб со седум голови најмногу се истакна кај Бахреин, а ист ефект имаше и Хусаин Алсајад.