Шпанците го замолкнаа Стокхолм и ја одбранија мундијалската бронза

Репрезентацијата на Шпанија второ Светско првенство по ред се радува на бронзен медал, откако во т.н. „мало финале“ вечерва го совладаа еден од кодомаќините и актуелен европски шампион Шведска, со 39-36.

Огромниот број постигнати голови е плод повеќе на првото полувреме, бидејќи токму вештината да се сочува сопствениот гол ја доведе „фуријата“ до целта. Меѓутоа, во првиот полчас едноставно се „леташе“ по теренот и на двете страни со еден „трчај шутирај“ стил, кој повеќе им одговараше на Швеѓаните. Водеа постојано, иако со кревка позитива некаде до 15. минута.

Потоа со една серија првпат се одлепија на плус три (16-13), а наскоро поведоа и со 20-16, разлика која ја задржаа и до крајот на половремето, со точно 40 постигнати гола. Меѓутоа, во вториот дел, генијалецот на клупата на Шпаницте, Џорди Рибера, сврте нов лист.

Со зона 5-1 во одбраната, со Родриго Коралес на голот наместо Гонсало Перес де Варгас, Шпанците ги изненадија Швеѓаните и направија пресврт. Домаќинот постигна само еден гол во првите осум минути по паузата или имаше пост од, речиси, полни шест минути. Тоа им овозможи на Шпанците серија од 6-0 за водство од 25-23 со една борбена и тактички мудра игра во нападот.

Се форсираше игра на пивот и затоа Адријан Фигерас го заврши мечот со девет од девет. Меѓутоа, извонреден диригент и нему и на целиот напад беше Алекс Душебаев, кој  заврши со седум гола. Швеѓаните се обидуваа да се вратат, последната шанса ја имаа во 53. минута кога со пенал можеа да дојдат на минус два, но Де Варгас од клупа ги врати од намерата. Во отсуство на првата виолина, Јим Готфридсон, предводеа крилата Хампус Ване и Никлас Екберг со девет, односно со седум гола.

Ова е петти медал од светските првенства за Црвената фурија, трета бронза по онаа од Египет од 2021 и од Шведска од 2011. Истовремено, ова е четврти трофеј за Шпанците од последните четири големи собири во низа: СП 2023, ЕП 2022, ОИ 2021 и ЕП 2020.