„Ќе пукневме од смеа кога Сергеј дојде во 'Кале' и ни рече - Вардар ќе ја освои ЛШ“

Низ годиниве проследени со проблеми и неизвесности, многу играчи си заминаа од Вардар, но кога Игор Карачиќ го здипли црвено-црниот дрес, како да се откина едно парче од семејството. Беше дел од тимот најдолго, после капитенот Стојанче Стоилов и памети како беше и пред Сергеј Самсоненко. По седум години во Скопје, почнува своја нова епизода во Кјелце, но и таму раскажува за величината на Вардар и за неверојатниот шампионски потфат, кој им изгледал смешен пред седум години.

Полските новинари не го одминаа Карачиќ пред почетокот на новата сезона за Кјелце, в сабота, па во опсежно интервју го прашаа и за очекувањата, но и за она што го носи зад себе. Доаѓа од клуб кој не се знаеше дали ќе опстане, а сепак денес го красат две шампионски ѕвезди над неговото лого. Полските новинари го прашаа како е можно клуб кој не им плаќа редовно на своите играчи, речиси, две години, да освои две шампионски титули во ЛШ, во три сезони?

„Пред почетокот на минатата сезона, ситуацијата беше многу лоша во клубот, па јас Тимур Дибиров и Стојанче Стоилов се состанавме за да зборуваме за иднината на тимот, за нашата иднина и за парите. Решивме дека мора да му веруваме на Сергеј и ќе останеме во клубот. На следниот тренинг го прашавме секој од играчите дали се согласува и речиси одговорија дека остануваат. Само Вуко Борозан си замина, но тоа беше подоцна во сезоната и поради други причини. Си ветивме дека ќе покажеме оти парите не се сè. А останатото – останатото е историја“, одговара Карачиќ.

А додаде е обновена вест, од разговорите со скопските другиари, дека ситуацијата се стабилизира..

„Сега ситуацијата на клубот се подобрува, слушнав дека добро се согласуваат со Сергеј. Можеби тој ќе остане во клубот, не знам. На крајот на краиштата, играчите потпишаа нови договори. Исто така  Мислам дека ќе биде сè во ред со Вардар, му верувам на Сергеј, тој е еден од најдобрите луге што сум ги запзнал“, додава Хрватот.

Арно ама, не им изгледал таков пред седум години, кога првпат се појавил во соблекувалната во „Кале“, за да ѝ каже на таа скромна екипа дека еден ден ќе биде шампион на Европа. Што помислиле во тие моменти, кога Самсоненко ги кажувал своите „нереални“ амбиции?

„Дека не знае што зборува, дека е луд! Кога јас дојдов во Вардар, клубот не беше најдобар ни во Македонија, тогаш првак беше Металург. Сергеј дојде во соблекувалната и рече: ‘Ние ќе ја освоиме ЛШ и тоа повеќе од еднаш. Сакам да имам тим како Барселона.’ Ние само се погледнавме мегу себе и многу од играчите се трудеа да не се насмеат. Седум и пол години подоцна неговиот план успеа. Неверојатно“, се чуди Карачиќ и ден-денешен.

Со тоа ја исполнил својата мисија во Скопје и почувствувал дека е време да си оди. Знаел дека ќе си оди уште по првата титула, а уште тогаш и почнале да стигуваат понуди, од Веспрем, подоцна од Мешков Брест, од Фленсбург... 

„Мора да знаете дека Скопје не стана мој втор дом, тоа е мојот прв дом. Од таму ми се најдобрите пријатели, имам девојка, целиот мој живот си го организирав таму. Ми беше супер. По освојувањето на првата титула во ЛШ, сепак, почувствував дека планот е остварен и дека порано или подоцна ќе мора да одам на друго место. ОСтанав во клубот уште две години и по втората победа во Келн, веќе немав сомнеж. Сакав да видам како ќе се снајдам во нови услови“, признава Карачиќ.

Во опширното интервју, тој зборува и за хрватската репрезентација и за соживотот мегу Хрватите и Босанците во неговиот роден Мостар, едно од најсилните воени жаришта во завојуваната Југославија, пред две и пол децении.

„Тоа се некои од моите најлоши спомени во животот и се уште ги имам во главата. Тешко ми е да зборувам за нив, бидејќи се обидувам да ги заборавам. Тоа беше ужасно време за моето семејство. Денес, односите мегу државите се добри и јас имам многу пријатели од земјите од соседството. Нашите нови генерации сакаат да продолжат да живеат без а размислуваат на минатото. Затоа не сакам да зборувам за детали. Мегутоа дури и ракометот понекогаш ме потсеќа на таа војна. Забораваме дека ние сме само луге и ќе направиме се за медал, некогаш го гледам тоа во очите на противниците, па и во моите, во нашите. За среќа сите имаме силна страст за овој спорт, па остануваме пријатели. Подобро е да се бориме вака отколку со пушки.“, одговора Хрватот.