Португалија ја победи Швајцарија и остана во игра за полуфинале

Ракометарите на Португалија ја победија Швајцарија со 33-29 за да ја запишат третата победа во групата од втората фаза на Светското првенство во Египет за да останат во игра за полуфинале.

Португалците моментно со меч повеќе се израмнети бодовно со Франција, по шест бода, додека Норвешка од три меча има четири бода, а на два се Исланд и Швајцарија, додека без бод е единствено Алжир.

Шмид даде 11 гола и беше најдобар стрелец на Швајцарија, но недоволен за триумф, но Португалците имаа поширок напаѓачки ростер, па Итуриза со седум гола и Магелаеш со шест беа предводници на дури 11 стрелци на мечот, од кои деветмина дадоа повеќе од еден гол.

Португалија од самиот почеток го презема водството, а Швајцарија сѐ што успеа да направи е неколкупати во првата половина од првиот дел да стигне до егал, но немаа сили Швајцарците да се изборат за ништо повеќе од пораз.