Парондо: Ми беше тешко да се разделам со Вардар, но сакам да се вратам во Македонија!

Роберто Парондо, тренерот кој со Вардар ја освои Лигата на шампиони кога сите најмалку се надеваа и селектор на Египет, во интервју за „Балкан хендбол“ откри дека му било премногу тешко кога требало да ја напушти Македонија и европскиот шампион.

Човекот кој во сезоната 2018/19 успеа да направи голем успех и да го освои трофејот во елитното натпреварување уште жали што мораше да го напушти Вардар, но најави дека ќе се врати еден ден во Македонија.

„Добро е во Египет, но не е исто како во Македонија. Не чувствувам притисок, туку сакаме да постигнеме најдобри резултати со репрезентативците. Кога бев во Вардар, беше одлично и игравме многу добар ракомет и имавме добра, но тешка сезона. Сезоната беше тешка затоа што имаше многу промени. Ние бевме среќни во Скопје, моето семејство беше задоволно, па ни беше тешко кога го напуштавме Скопје. Сепак, имаше проблеми и мораше да заминеме. Но, јас сакам да се вратам во Македонија зашто Македонија беше одлично место за нас“, кажа Парондо.

Египет доби група на Светското првенство, каде што треба да се соочи со Словенија, Белорусија и Русија.