Нови правила во ракометот?! Кој ќе игра „7 на 6“ - тешко него!

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) разгледува три промени на правилата во ракометот, кои би требало да бидат имплементирани идното лето.

Станува збор за ситни промени, но кои би имале очигледно влијание во играта. Едно од поинтересните е поврзано со изведувањето на топката од центар, откако екипата примила гол. Играчот кој ќе го изведе почетниот удар од центар, практично ќе нема обврска да стои точно на линијата од средината на теренот, туку каде било во големиот круг на центарот од игралиштето. Исто така, досега тој мораше да подзастане, а со новото правило ќе смее тоа да го направи во трк. Противничките играчи, за тоа време, не смеат да стојат внатре во кругот, но ќе смеат да му пречат во близина на кругот.

Ова правило би требало да има големо влијание во играта „7 на 6“. Ако некоја екипа игра без голман и постигне гол, ќе треба многу побргу и повешто да ја изврши замената за голманот да ѝ се врати на голот, бидејќи сега противниците смеат многу побргу да го изведат почетниот удар од центар. Со тоа и полесно да казнат на празен гол.

Друга промена би била поврзана со пасивниот напад. Откако судијата ќе крене рака за пасивен напад, наместо шест додавања екипата која напаѓа би имала право на само на уште четири додека ѝ биде одземена топката. И со ова правило се тежнее кон забрзување на играта и поттикнување на акција.

Третото правило е за престрогото исклучување кога еден играч ќе погоди противник во глава. При изведување седмерец, ако играчот го погоди голманот во главата или, пак, при изведување слободен удар со жив ѕид, ако погоди во глава некој од противниците, досега се доделуваше директен црвен картон, а сега казната би била исклучување од две минути.

Планот на ИХФ е овие правила да се тестираат во следните шест месеци и ако е добра нивната имплементација, да бидат активирани идното лето. Ваков нов бран правила имаше летото во 2016 година, кога беше воведено играњето „7 на 6“ (без маркер), синиот картон и шесте додавања за пасивен напад.