Николов и Начевски ќе го судат дербито на четвртфиналето на СП

Денеска на Светското ракометно првенство во Египет се играат четвртфиналните пресметки. 

Македонскиот судиски пар Славе Николов и Ѓорѓи Начевски ќе ја дели правдата на најинтересниот натпревар од нокаут-фазата, односно дуелот помеѓу Шпанија и Норвешка. Нашите арбитри немаат проблем да преземат сериозен предизвик врз себе, бидејќи низ годините судеа на многу тешки натпревари, како и во ланското финале на Европското првенство. 

Дуелот помеѓу Шведска и Катар ќе го судат сестрите Бонавентура од Франција, Хрватите Губица и Милошевиќ ќе ја делат правдата на домаќинот Египет против актуелниот светски првак Данска, додека на Франција - Унгарија ќе судат Шпанците Гарсија и Марин.