Не е јужноамерикански фудбал, ова е најлудиот коментатор на ракомет! (ВИДЕО)

Често се среќаваме со јужноамерикански коментатори кои со минути држат висока децибелажа откако ќе се постигне гол, повторувајќи го налудничаво името на стрелецот итн. Меѓутоа, ваквата појава редовно ја гледаме на фудбалските натпревари. Е сега имавме неверојатен ист таков пример во ракометот.

Во четвртфиналето од Светското првенство за ракометари до 21 година се случи изненадување. Португалија, која е анонимус во сениорскиот ракомет, ја совлада велесилата Словенија со 26-25 и се пласира меѓу најдобрите четири екипи на планетата.

Начинот на кој успеаја во тоа беше драматичен, зашто голманот Валерио Диого одбрани зицер на Словенците во последните секунди и тоа беше покана за коментаторот да влезе во транс. Непрестано го повторуваше неговото име и ја прогласи Португалија за полуфиналист. Интересно, коментаторов на ова видео зборува на шпански, не на португалски јазик.

Португалците се вистинска сензација на ова СП, од причина што влегоа во нокаут-фазата како трети во својата група, со порази од Бразил и од Хрватска, за потоа да направат чудо против Германија во осминафиналето и повторно сега со Словенија.

Во полуфиналето, утревечер, Португалците ќе се сретнат уште еднаш со Хрватска, а претходно Франција игра со Египет.