Миркуловски и Вецлар го запреа шампионот, еден гол за Пешевски

Тројца македонски интернационалци вечерва одиграа натпревари во 3. коло од ракометната Бундеслига и никој не забележа победа. Сепак, двајца од нив имаа пеколно тешки противници.

Филип Миркуловски и Вецлар го пречекаа актуелниот шампион, Фленсбург и успеаја да го запрат на нерешено, 27-27. Тимот на македонскиот разигрувач водеше долго во натпреварот, а на паузата имаше 14-11. Фленсбург првпат тоа го направи дури некаде околу 45. минута и тоа не со повеќе од два разлика, сепак домаќините беа тие кои на крај погодуваа за реми. Миркуловски имаше еден удар кон противничкиот гол, но без успех.

Стрелец беше Жарко Пешевски, но неговиот Штутгарт загуби во Лајпциг со 31-28. Македонскиот пивот погоди еднаш, а Штутгарт беше конкурентен во првиот дел, кој го заврши со предност, 14-13.

Најтешко му беше на Мартин Томовски, кој со Лудвигсхафен гостуваше во „Шпаркасен арена“ кај Кил, но загуби тесно, со 27-30. Македонскиот репрезентативец добиваше шанса од клупата за да запише три интервенции.