Македонски талент игра ракомет во Швајцарија со три години постари од себе!

Македонија допрва ќе има спортски таленти расфрлани низ Европа, можеби и надвор од неа. Еден таков е Матео Јанчев, 16-годишен пикер, кој не дозволил со напуштањето на Македонија да го напушти и љубовта кон ракометот.

Јанчев почнал да игра ракомет на свои 12 години, во РК Илинден. Препознат како дете со потенцијал во ракометот, бил регрутиран во школите на Вардар, во тимот на Андријана Будимир. По двегодишно развивање на неговиот талент, дознал дека мора да го напушти Вардар. Неговото семејство во потрага по подобар живот се преселило во Швајцарија.

Но, љубовта за ракометот била поголема, па Матео си нашол клуб и таму. Добил шанса да биде пробан во тимот на БСВ Берн и веднаш го примиле и тоа не со неговите врсници, туку во тимот до 19 години. Јанчев успешно настапува во оваа младинска екипа и го надградува своето ракометно знаење, со сон, да ги брани боите на македонската репрезентација еден ден.

Јанчев е само еден пример од, сигурно, многу други македонски тинејџери и дечиња, кои во странство, во подобри услови ќе го развиваат својот талент за спорт и можеби, еден ден ќе посакаат да го облечат црвено-жолтиот дрес.