Како Лазаров стана најплатениот играч во историјата на Барселона? (ВИДЕО)

Барселона е најтрофејниот клуб во ракометната на Лига на шампионите, бренд во европскиот ракомет, кој неретко ги диктира трендовите. Оттука, да се биде некој и нешто во Барселона е достигнување само по себе, но да се биде најскапиот играч во нејзината историја...тоа го можат само најголемите. Таков е Кире Лазаров.

Каналот „Хандбал ТВ“ на Јутјуб објави видео со кое го опишува развојот на платите во каталонскиот ракометен гигант, во периодот од 2010 до 2020 година. Пред 10 години, недопирливо најплатен бил Икер Ромеро, легендата на шпанскиот ракомет со, тогаш огромни, 10.000 евра месечно. Приматот го држел до почетокот на сезоната 2011/12, додека не го престигнал Виктор Томас, меѓутоа интересното доаѓа од почетокот на сезоната 2013/14.

Тогаш Кире Лазаров прави трансфер од Атлетико Мадрид во Барселона, заедно со Арпад Штербик и веднаш ги запоседнуваат второто и третото место на табелата, која константно се менува, со плати од околу 10.100 и 10.800 евра, соодветно. Штербик го презема приматот од Томас до крајот на сезоната, а на почетокот на 2014/15 доаѓа до месечна плата од 15.000 евра и тука застанува. Затоа, примањата на Лазаров продолжуваат да растат и до крајот на 2014/15 тој се качува на врвот, со месечни примања од нешто над 15.000 евра. Набргу, платата на македонскиот капитен се фиксира на 18.000 евра и цели четири години тој важи за најплатениот ракометар во историјата на Барселона!

На почетокот на 2016/17 на табелатасе појавува и Борко Ристовски, со плата од 10,6 илјади евра и се случуваат големи разместувања, бидејќи Барса почнува да се подновува и подмладува, доаѓаат имиња како Валеро Ривера, Тимоти Нгесан, подоцна Арон Палмарсон и Ласе Андерсон.

Иако Лазаров замина во Нант, на почетокот на сезоната 2017/18, неговата плата од 18.000 евра ќе остане највисока во историјата на Барселона уште, речиси, две сезони, додека Андерсон не го „симне“ со своите 20.000 евра. Меѓутоа и неговото место на врвот е краткотрајно, бидејќи на почетокот на 2019/20, револуционерна плата од 25.000 евра добива Лука Циндриќ, качувајќи се на листата најскапи ракометари во историјата на Барса.

Се разбира, како и во фудбалот и во останатите спортови, ракометот држи тренд на константен пораст на платите и цените на играчите, за што аргумент се и првите трансфери со милионски суми. Сепак, коронавирусот допрва треба да ги покаже сите свои влијанија врз спортот, а најмногу во делот на финансиите и платите за играчите. Така што, овие бројки и овој примат на Лука Циндриќ можно е уште долго да остане недопрен.