Димитриевски ја опишува лудоста: Не можев да дишам од маската!

Натпреварот пред два дена во рамки на шпанската АСОБАЛ лига меѓу Адемар Леон и Синфин го одбележа несекојдневна ситуација, затоа што ракометарите играа со маски поради пандемијата од коронавирусот.

Еден од ракометарите кои на теренот беше со маска е повремениот македонски репрезентативец Дарко Димитриевски, кој открива низ што морале да минат за време на натпреварот.

„Неверојатна ситуација. Ни јавија што треба да очекуваме на само четири часа пред почетокот на натпреварот, па така не можевме да се организираме и ниту еден тренинг да направиме под маски за да се навикнеме. Не ми е јасно како во салата влегле 1.500 навивачи, а ние мора да играме со маски на лице. Не можев да дишам како што треба, а не пак да комуницирам на теренот, ова е ужасно искуство. А да не зборувам дека требаше да ги менуваме маските на пет минути, зашто брзо се потиме. Ние на секој натпревар одиме со негативни тестови на ковид-19, секој ракометар на секој тим. Зошто би носеле маски во таков случај?“, прашува Димитриевски.