Бразил го фрли на колена Лино Червар: Хрватска со шокантен прв пораз на СП

Бразил приреди голема сензација совладувајќи ја Хрватска со 29-26 во рамки на првото коло од главната фаза на Светското ракометно првенство. 

Овој пораз е исклучително силен удар за амбициите на „коцкестите“ за пласман во полуфиналето, бидејќи сега остануваат на четири бодови кои ги пренесоа од првата фаза. Хрватска беше со максимални пет победи од групата Б, но денеска беше комплетно надиграна од „кариоките“, кои ја остварија најголемата победа во својата историја.

Бразил доминираше во текот на целиот натпревар. На полувремето имаше четири голови разлика со 17-13, а во вториот дел ја продолжија добрата игра. „Водеше и со +6 голови, но Хрватска притисна во последните 10 минути и дојде на негатива од само еден гол 26-25. Сепак, Бразил ја задржа концентрацијата и не дозволи пресврт за на крајот да слави со 29-26.

Ханиел Лангаро беше фантастичен за Бразил со девет постигнати голови, додека Фелипе Борхес постигна пет. Кај Хрватска, Домагој Дувњак постигна шест голови, по пет пати во листата на стрелците се запишаа Лука Степанчиќ, Златко Хорват и Мануел Штрлек. 

Во следните две кола, Хрватска треба да игра против  Германија и Франција.