Андерсон по дербито со Спортинг: Митревски беше клучен во победата

Никола Митревски и Порто се на чекор да ја освојат 22-та шампионска титула во португалскиот ракометен шампионато, откако денеска славеа во големото дерби против Спортинг Лисабон со 33-30.

Нашиот голман правеше чуда на голот во текот на првото полувреме, кое гостите го добија со 14-17, но неговите вистински квалитети дојдоа до израз во финишот на средбата. При резултат 30-30, македонскиот репрезентативец имаше неколку интервенции со кои буквално ги уништи надежите на гостите за победа. Порто на крајот дојде до триумф од 33-30 со кој остана перфектен во сезоната по 26 натпревари. 

Порто води на табелата со 78 бодови, четири повеќе од Спортинг и Бенфика на четири кола до крајот на сезоната.

„Ова беше исклучително важна победа за нас“, рече по натпреварот тренерот Магнус Андерсон. „Не очекував да играме толку лошо во првото полувреме, особено во одбраната. Во вториот дел можам само да бидам горд на мојот тим за односот  и на начинот на кој се вратија во натпреварот. Бевме борбени и не смееме да ја заборавиме важноста на одбраните на нашиот голман Никола Митревски. Среќен сум за победата и горд сум на тимот“, истакна Андерсон.