Абутовиќ: Во Германија не смееш парче пица да заборавиш во ѓубрето!

Илија Абутовиќ по седум години го напушти Вардар и реши кариерата да ја продолжи во Германија во тимот на Рајн - Некар Левен. Српскиот ракометар беше миленик на скопската публика за време на игрите во „црвено-црниот“ дрес.

Негова специјалност беше одбраната, а Германците сега се надеваат дека истата форма може да ја донесе и во тимот на Николај Јакобсен. Во првото интервју за клупскиот сајт на Рајн-Некар, Абутовиќ раскажува за неговата аклиматизација во Мајнхајм.

Фактот дека цела кариера ја минал на Балканот, откако се преселил во Германија го „удрил културолошки шок“.

„Тука е многу различно. На пример околу ѓубрето. Тука не смеете да оставите ниту едно парче пица во ѓубрето. Друга разлика е тоа што сите ставаат голем акцент на точноста и дисциплината“, вели Абутовиќ.

Специјалистот за одбрана вели дека сака да игра само во еден правец и дека не му смета што не игра во нападот.

„Сакам да играм во одбраната, сакам да играм јако“, додава тој и вели дека Рајн-Некар и Вардар имаат различна тактика кога се работи за одбраната. „Навистина не можам да ги споредам, тоа се два комплетно различни системи на игра“, завршува Абутовиќ.