Зарем е можно: Денеска и утре за Македонија се дежаву од претходното СП!

На Македонија ѝ претстојат последните два меча од првата групна фаза на Светското ракометно првенство и, верувале или не, распоредот е идентичен како од претходниот планетарен собир, во Франција во 2017.

И тогаш и сега во последните две кола, во распон од еден ден играме против Шпанија и против Исланд. Во Мец 2017, на 18 јануари одигравме одличен меч против Шпанците, рамноправни со 14-14 по првото полувреме, на крај поразени со 25-29. Тој меч се играше до 22.15 часот, а само 19 и пол часа подоцна почна дуелот Македонија - Исланд.

Островјаните претходно имаа кикснато играјќи нерешено со Тунис, затоа теоријата велеше дека нам реми ќе ни одговара за пласман на третото место и тоа се случи - одигравме 27-27.

Две години подоцна сценариото е неодоливо слично. Македонија игра на 16 јануари против Шпанија во 20.30 часот, а откако ќе завршиме ни остануваат 20 часа до решавачкиот дуел со Исланѓаните. Во меѓувреме (денеска 15.30), тие играат против Јапонија, па нема да биде лошо повторно да кикснат, за да можеме да ја повториме историјата. Се разбира, не би ни пречело да ја смениме, барем, со една победа во преостанатите два натпревара.

И тогашната група во Мец беше Б, а во неа покрај Шпанија, Исланд и Македонија, играше и Словенија (сега Хрватска) и уште две африкански репрезентации, Тунис и Ангола (сега две азиски).