„За некоја година генерацијава која созреа самостојно ќе се пласира на СП и ЕП!“

Македонија се пласира на ново СП, четврто едноподруго или, ако сметаме од 2012 наваму веќе осмо во низа Светско или Европско првенство. Токму таа 2012 година беше дебитантска за Дејан Манасков на големите натпреварувања, а сега, шест подоцна, како оформен и искусен играч тој е врската меѓу минатото, сегашноста и ракометната иднина.

Од Клуж, ВЛАДКО АРСОВ

Манасков ќе полни 26 години во август, осамен на скалилата на годините во „меѓугенерацијата“, која потфрли во своето постоење. Зад него е Кире Лазаров, товарен со две децении ракометни солзи и радости, а пред него е Филип Талески наоружан со амбиција, желба и голема одговорност. Овие неколку години се примопредавање, од првите за вторите и затоа пласманот на Светското првенство во Германија и Данска е драгоцена оставина.

„Секако дека овој пласман е многу важен за оваа генерација и за следната која доаѓа. Можеби следните квалификации ќе ги истераме со оваа генерација, а потоа некој од постарите можеби ќе се откаже, но тоа е тоа. Тоа е нормален процес во сите земји, па кога-тогаш ќе се случи и кај нас. Јас верувам дека овие млади момци ќе созреат уште за година, две и дека ќе го продолжиме тој континуитет, да бидеме на големите натпреварувања“, ги сподели своите размислувања Манасков, со верба и оптимизам во зборовите.

Она што радува и импресионира кај македонските ракометари е константноста. Македонија имала и други селекции, кои правеле големи победи и краткотрајни блесоци, но оваа на својот квалитет му додаде и величина „време“ и затоа заслужи еден тренер како Чави Пасквал да ја вброи во топ-10 во Европа. Македонија е сега онаа класа, која е недофатлива за репрезентација од „средна категорија“ (како Романија).

„Романија не е толку слаба репрезентација, но ете го загубија тој континуитет пред, како ние до пред десет години. Не дека тогаш сме биле слаби, но тоа е тоа, кога немате самодоверба е многу тешко да играте. Знам како е тоа сам по себе. Ние имаме искуство во вакви натпревари, воиграни сме. Не дека Романија има лоши играчи, но тоа е една наша предност во однос на нив и на тие репрезентации, кои повеќе години не можат да се пласираат на едно големо натпреварување“, елаборира крилото на Веспрем.

Беше најефикасен на синоќешниот натпревар како вистинско олицетворение на одговорот на Раул за тактиката на Чави Пасквал.

„Знаевме пред да дојдеме тука дека ќе биде тешко, дека Романците ќе смислат нешто за да нè изненадат, но бевме подготвени на сè. Во првото полувреме утнавме неколку топки на празен гол, можеби затоа не водевме на паузата. Во вториот дел се опуштивме, направивме неколку грешки и тие поведоа со четири разлика. Сепак, ние се стабилизиравме и успеавме да го доведеме натпреварот до позитивен крај и до пласман на СП“, раскажа Манасков.

И тој и соиграчите сега имаат неколку недели за одмор, а потоа, на крајот на јули почнуваат подготовките за новата клупска сезона. Претходно, на 25 јуни, ќе добијат информација кои се противниците за СП 2019, во Германија и Данска.