Уште не е згаснат сонот за ОИ 2020 во Токио!

Македонската ракометна репрезентација, не само што не дојде во ситуација да се надева на место во олимписките квалификации, преку тековното Светско првенство, туку не се пласира ни во главната рунда, со топ-12 екипи. Меѓутоа, тоа не значи дека олимпискиот сон веќе не постои за нас.

Олимписките квалификациски турнири се три, сочинети од 12 екипи, но само шест од нив доаѓаат преку Светско првенство, поточно екипите од 2. до 7. место на конечниот пласман. Останатите шест места се доаѓаат од континенталните првенства, две од најдобропласираниот континент на овој Мундијал (сигурно Европа), по едно на вториот третиот и четвртиот. Шестото место, формално, ѝ следува на Океанија, но бидејќи никогаш нема свој претставник во топ-12 на СП (така бара правилото), тоа место ќе го добие второпласираниот континент (во случајов, најверојатно Африка).

Значи уште две визи за олимписки квалификации носи ЕВРО 2020, кое ќе се одржува во Норвешка, Данска и во Австрија. За да добиеме едно од тие две визи, треба котираме високо на тоа ЕП. Уште сега не се знае која позиција би била доволна за да се загарантира, затоа што ќе зависи од пласманот на екипите.

Правилото вели дека тие две места ги добиваат првите две екипи на ЕП, кои не стекнале учество на олимписки квалификации по основа на СП. Што значи, идеална ситуација би било сите европски екипи кои ќе се пласираат во топ-8 на тековното СП, да котираат толку високо и на ЕП идната година, за да може олимписки квалификации да носи деветтото место (на пример).

Македонија допрва треба да се квалификува на ЕП 2020, преку групата со Исланд, Турција и Грција.