Уште еден двоцифрен пораз за Македонија на СП

Македонските ракометари останаа на нула на бодовното конто и по вториот натпревар од главната фаза на Светското првенство во Египет. Причина за тоа е поразот од Русија, со 20-32.

Ако е некаква утеха,второто полувреме беше, веројатно, најдоброто не сметајќи го дуелот со Чиле. Во него се држевме со Русите на 11-13, со капитенот Кире Лазаров на клупа, исклучиво со младите ракометари во погон. Меѓутоа, јасно е дека Русија го играше опуштено, штедејќи ги силите и комбинирајќи ги ракометарите, откако претходно ги реши сите дилеми во првиот полчас.

Тој резултира со 19-9 за Русија, која, очигледно ја научила лекцијата за Македонија на овој Мундијал. Почнаа со цврста одбрана, терајќи го нашиот напад често да греши. Бековите беа добро затворени, а при обидите да се проигра на пикер, често топката беше загубена. Првиот гол Македонија го постигна дури во почетните секунди од седмата минута, кога беше 3-0 за Русија, а вториот дури во 14. минута, кога противникот имаше 7-1.

Кога, конечно, влеговме во напаѓачки ритам, Русите веќе имаа високо водство, кое до крајот на полувремето стана двоцифрено. Второто почна со 3-0 за Македонија и покрај тоа што Кире Лазаров остана на клупата. Мартин Серафимов беше негова солидна замена, а заедно со него Филип Кузмановски ги водеше конците во нападот. Долго во првиот дел држевме 8-10 негатива, за на крај, сепак да го растуриме впечатокот.

Кузманвоски со шест и Серафимов со четири гола беа најефикасени, а кај Русија, Сорока броеше до шест. Никола Митревски повторно беше на ниво со 10 одбрани, а Томовски го дополни со еден фатен седмерец, додека тројцата руски голмани заедно имаа 13 интервенции. Македонија остана на нула во групата од главната фаза, а последниот меч на СП ќе го игра в недела, од 15.30 против Белорусија.