Тренинзите за СП 2019 почнуваат в среда, пред Божиќ пријателски со Србија!

Машката ракометна репрезентација на Македонија се соочува со голем предизвик, учество на Светското првенство во Германија кое почнува на 10 јануари. Оттука, веќе неделава ќе се почне со тренинзи и базични подготовки за Мундијалот.

Официјалниот собир на репрезентацијата ќе биде на 24 декември, меѓутоа ракометарите коишто се слободни од своите клубови ќе почнат да тренираат уште од среда, 19 декември. Се очекува на тие тридневни тренинзи да присуствуваат десетина репрезентативци.

Од 24 декември ќе се работи седум дена, за жал, не со комплетен состав, бидејќи некои од интернационалците имаат клупски натпревари до доцна во месецов. Планот е репрезентацијата да се комплетира на 28 декември, кога ќе се вратат и бундеслигашите. За Нова Година националниот тим ќе има одмор до вториот ден од 2019-та, а на 4 и 5 јануари ќе одигра два пријателски меча со Србија, првиот од отворен, вториот од затворен тип.

За Германија се патува на 9 јануари, а првиот натпревар Македонија го игра со Јапонија на 11 јануари.