Талески: Примивме многу голови, тој број мора да го намалиме!

По првата победа на СП во Германија и Данска, македонските ракометни репрезентативци се вратија на стариот режим. Утрово тренираа, а попладнево ќе гледаат видео за да можат подготвени да го дочекаат Бахреин, утре во 14 часот. 

Победата со Јапонија годи, но многу лесно деветте гола позитива може да ги сокријат грешките, кои дефинитивно ги имаше во нашиот тим. Сепак, убаво е ако се греши и патем се победува, тоа влева самодоверба и ја храни желбата да се биде подобар во иднина. Се согласува и Филип Талески, кој очекува поцврст натпревар, затоа што Бахреин бил одличен во дуелот со Шпанија, без разлика што загуби со 10 разлика.

„Тоа што го посакувавме го остваривме, го отворивме СП со победа. Сега ни претстојат уште четири натпревари, од кои прв е Бахреин, а вчера гледавме дека е незгоден, се држеше до самиот крај во мечот со Шпанија. Треба добро да се подготвиме за да оствариме втора победа. Ако успееме, потоа ќе биде сѐ отворено за дуелите со Хрватска, Шпанија и Исланд. Бахреин е повисока репрезентација, можам да кажам и дека има покомпактна одбрана, меѓутоа никако не смееме да помислиме дека лесно ќе ги разбиеме, напротив, мора да играме максимално, до стопроцентна шанса, не смееме да имаме избрзани шутеви, како со Јапонија. Само со таква игра може да успееме“, вели Талески.

Вчера тој и соиграчите цело второ полувреме напаѓаа „7 на 6“, што носи повод за многу грешки. Впрочем примивме неколку гола на празна мрежа, а на конечниот резултат стоеја вкупно 29, што е натпросечно повеќе од тоа што сме навикнати во натпреварите на Македонија.

„Најголемиот акцент вчера ни беше да не се опуштаме токму поради брзината на Јапонците. Имавме грешки кога напаѓавме „7 на 6“ тоа нѐ чинеше многу лесни голови, затоа не смееме да го дозволиме истото со Бахреин.Мислам дека треба да се намали бројот на примени голови, поради тоа што, тие најчесто ги примавме на контра и полуконтра, поради измените кои ги правиме. Треба на тоа да обрниме внимание и на оние клучни натпревари кои ќе ни дојдат мора да правиме побрзи измени и не смееме да имаме технички грешки“, додава левиот бек на Рајн-Некар.