Стојановиќ: Нема да запреме тука, оваа репрезентација има квалитет и тоа го покажа во Летонија

Селекторот на машката кадетска репрезентација, Раде Стојановиќ е среќен со успехот во Рига, Летонија, каде што ракометарите го освоија ЕХФ-шампионатот.

Стојановиќ кажа дека македонската репрезентација има квалитет и тоа најдобро го покажала на турнирот.

„Ние се надеваме дека нема да застанеме тука. Оваа репрезентација има квалитет и тоа го покажавме на овој турнир. И сами забележавте дека финалето беше малку потешко, но останатите дуели ги одигравме на едно високо ниво. Ракометарите покажаа еден поинаков карактер, не само што победувавме, туку одевме до максимум. На некои натпревари имавме и по 10 голови разлика, а покажавме и голема борбеност и верба“, кажа Стојановиќ.

Тренерот даде коментар и за финалето против Швајцарија, кое им припадна на македонските ракометари со 24-22.

„Ние почнавме со друга зона, со 5-1, па потоа ја вративме 6-0 бидејќи тие имаат брзи играчи. На крајот нивниот среден бек доби црвен картон, па се вративме во изненадувачката 5-1 и тоа се покажа како одлучувачки момент зашто во последните осум минути покажавме друг менталитет, верувааа момците во успех и стигнавме до посакуваната цел“, вели селекторот.