Стоилов: Жалам што не сме подобро подготвени за ова СП (ВИДЕО)

Македонската ракометна репрезентација по двата убедливи порази од Шведска и Египет, денеска го совлада Чиле (32-29) и се пласира во втората фаза од Светското првенство (СП), работи кои донесоа помешани емоции кај еден од најискусните во нашата селекција, Стојанче Стоилов.

Корпулентниот кружен напаѓач е задоволен од тоа што ја минавме првата фаза, но е свесен дека националниот тим беше далеку од потребното ниво во првите два меча.

„Одигравме катастрофално во првите два меча, но задоволство е што се пласиравме во втората рунда и што и понатаму ќе биде дел од Мундијалот со цел да ја претставуваме нашата држава. Ова првенство е посебно, односно чудно. Не дојдовме подготвени, но од меч во меч ќе играме подобро. Имаме неколку искусни играчи во репрезентацијата, но за дури седумина во нашиот тим ова е прво големо натпреварување. Жалам само што не сме подобро подготвени за ова СП, кое е навистина голема работа во Македонија“, изјави Стоилов.

Македонија во следниот круг ќе игра во група заедно со Словенија, Белорусија и Русија, како и со Египет и Шведска. Првата пречка ни се Словенците против кои ќе играме задутре.