Смирувачка вест за Македонија од Загреб: Сѐ е платено, ќе се игра во „Арена“!

Шокантната вест за затворање на „Загрепска арена“ пред Европското првенство во ракомет, се обиде да ја стивне градоначалникот на хрватската престолнина, Милан Бандиќ, велејќи дека сѐ е под контрола.

Ако се суди по зборовите на загрепскиот градоначалник, Македонија не треба да има грижи дека в сабота нормално ќе си го почне Европскотоп првенство, со мечот против Словенија, во „Загрепска арена“.

„Нема долгови, Холдинг сѐ плати“, рече Бандиќ доцна синоќа во изјава за хрватската национална телевизија „ХРТ“.

И навистина, Загрепски холдинг го доплатил долгот кон фирмата „Ингра“, која ја изградила салата, во последните денови од 2017 година. Тие плаќаат годишна кирија од 7,2 милиони евра и тоа е „исчистено“, арно ама тоа не е сумата за која „Ингра“ се буни и најавува заклучување на вратата.

Проблем се дополнителни два милиона евра, на основа индексација, која ја спомна и Бандиќ. Таа индексација, всушност, претставува израмнување на разликата предизвикана од инфлацијата во Европската унија во последниве седум години и изнесува два милиона евра.

„Таа индексација на сила е осум месеци, за неа побарано е мислење од правниот факултет, па и тоа е при крај. Купете си билети и за натпреварите во Сплит, но и за во Загреб, Хрватска ќе стигне до финале“, додаде Бандиќ самоуверено.

Сепак, знаејќи ги приликите на овие простори, некак мириса дека драмата ќе продолжи и денеска, за кога хрватските медиуми очекуваат да се огласат и од „Ингра“. Оттаму синоќа не давале реакција на изјавата на Бандиќ, па кој знае каква ќе биде нивната верзија, денеска.

Како и да е, и организаторот и репрезентациите учесници се однесуваат како да е сѐ нормално и дека в сабота ќе почнат натпреварите во Загреб, во 17.15 часот Германија против Црна Гора, а од 19.30 Македонија со Словенија.